
Рено постигна нешто што до неодамна звучеше речиси незамисливо. За мал електричен автомобил со почетна цена од 160.000 евра веќе се собрани повеќе од 1.000 нарачки, а одредени купувачи се подготвени да издвојат и над 350.000 евра. Станува збор за ексклузивниот Рено 5 Turbo 3E, електрична реинтерпретација на култниот спортски автомобил од осумдесеттите години.
Ексклузивна серија инспирирана од легендата
Иако визуелно потсетува на славниот претходник, под каросеријата се крие целосно електричен погон и технологија која го доближува до светот на суперспортските модели.
Ограничена серија: Производството е строго ограничено на 1.980 примероци – бројка со која Рено ја одбележува 1980 година, кога беше лансиран оригиналниот Рено 5 Turbo.
Голем интерес: Веќе е резервирана повеќе од половина од планираната серија. Раководството на компанијата потврди дека преку програмата за длабока персоналзиација, целосно уредените примероци можат да достигнуваат цени и над 350.000 евра.
Перформанси на вистински суперспортски автомобил
За разлика од стандардниот модел кој има преден погон, Turbo 3E користи два моќни електромотора сместени на задните тркала:
Моќност: Вкупно развиваат 555 КС, што овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за помалку од 3,5 секунди.
Батерија и досег: Батеријата од 70 kWh обезбедува досег од над 400 километри (според WLTP), а благодарение на 800-волнтната архитектура поддржува брзо полнење со моќност до 350 kW (од 15% до 80% за само 15 минути).
Првите испораки до купувачите, кои главно се колекционери и страствени љубители на марката, се закажани за 2028 година.