
Секој што купувал нови автомобилски гуми сигурно забележал тенки обоени линии што се протегаат по гаznата површина. Тие пруги не се естетски детаљ, туку внатрешна ознака што служи за идентификација на производите и смесите на гумата за време на производството.
Германската компанија REA, специјализирана за индустриско обележување, објаснува дека автоматизираните линии во боја се користат за препознавање на различни материјали и компоненти. Ознаките се клучни за работниците и машините во фабриката да можат да разликуваат еден тип на гума од друг, но до моментот кога гумата ќе стигне до купувачот, тие веќе ја исполниле својата цел и со тек на време исчезнуваат во возењето.
Бои без универзално значење
Индустријата за гуми не го стандардизирала значењето на овие бои, па тие немаат универзална вредност. Сината линија на гума од еден производител не мора да значи исто што и сината линија на гума од друг. Станува збор за внатрешен систем на кодирање, поради што купувачот врз основа на бојата не може да заклучи ништо за карактеристиките на гумата без познавање на фабричката шифра.
Важна е и комбинацијата на бои, а не само една пруга. Во некои патентни процеси на обележување, дури две или повеќе бои заедно ја прецизираат смесата на газниот слој. Затоа е погрешно да се претпостави дека, на пример, секоја црвена пруга означува гума со високи перформанси. За купувачите, тие бои при изборот на гуми немаат никакво значење.
Ознаките што навистина се важни
Иако обоените линии се неважни за купувачот, на страничниот дел (бочникот) на гумата се наоѓаат низа други, клучни информации. Тоа се пред сè димензиите на гумата, името на моделот, како и индексот на носивост и брзина. Повеќето од овие податоци се јасно наведени, додека некои се кодирани.
На пример, четирицифрениот број како “0624” го означува датумот на производство (во овој случај, значи дека гумата е произведена во 6-тата недела од 2024 година). Датумот на производство е клучтен податок бидејќи повеќето производители препорачуваат замена на гумите по пет до шест години, независно од длабочината на профилот. Познавањето на овој код им помага на купувачите да проверат дали навистина купуваат нови гуми или такви што стоеле на залиха подолго време.
Важни се и упатствата за монтажа. Гумите со насочен дезен на страничниот дел имаат стрелка што ја покажува задолжителната насока на вртење. Тоа е информација што вулканизерот мора да ја почитува, за разлика од обоените линии кои не се интерпретираат. Гумите, според тоа, содржат многу корисни податоци за сопствениците, но привремените пруги во боја на гаznата површина не се едни од нив.