Почетна Актуелно Volkswagen по...

Volkswagen покрена голем опозив: На сопствениците им се порачува батериите да ги полнат само до 80 отсто

31

Германскиот автомобилски гигант Volkswagen објави глобален опозив за повеќе од 70.000 електрични автомобили поради потенцијални проблеми со батериите кои, во најлош случај, можат да предизвикаат пожар. Само на германскиот пазар опозивот опфаќа околу 10.000 возила.

Според податоците од германскиот Сојузен завод за моторни возила (KBA), опозивот вклучува три кампањи со кои се опфатени вкупно 72.700 возила ширум светот.

Кои модели се опфатени?
Проблемот ги засега следните модели произведени во одредени временски периоди:

VW ID.3 (произведени меѓу 2022 и 2025 година)

VW ID.4 (произведени меѓу 2022 и 2025 година)

VW ID.7 (произведени меѓу 2022 и 2025 година)

VW ID. Buzz (произведени меѓу 2022 и 2025 година)

Cupra Born (произведени меѓу 2022 и 2024 година)

Производна грешка кај добавувачот
Како што наведуваат од компанијата, за време на редовните интерни проверки на квалитетот било утврдено дека поединечни ќелии во високонапонските батерии не ги задоволуваат пропишаните стандарди поради грешки во производството кај добавувачот.

„Во ретки случаи тоа може да доведе до зголемено топлотно оптоварување на батериите, а во екстремни околности би можело да дојде до пожар“, појаснуваат од концернот. Засега, според надлежните институции, не се забележани случаи на повреди или материјална штета поврзани со овој дефект.

Строги мерки за претпазливост: Полнење само до 80%
Додека возилата не поминат соодветна проверка во овластен сервис, од Volkswagen апелираат до сопствениците да се придржуваат до посебни мерки на претпазливост:

Ограничено полнење: Батериите треба да се полнат најмногу до 80 отсто од нивниот капацитет (кај одредени модели системот автоматски ќе го ограничи полнењето).

Сервисна проверка: Возилата ќе бидат повикани во сервис каде што ќе се утврди состојбата на батеријата. Во зависност од дијагностиката, во одредени случаи ќе биде доволно само софтверско ажурирање.

Сопствениците ќе бидат известени писмено со сите неопходни упатства за понатамошната постапка.