Volkswagen размислува за производство на воени возила

Германскиот автомобилски гигант Volkswagen размислува за можноста да започне производство на воени возила, како дел од плановите за иднината на една од своите фабрики во Германија.

Според информациите, компанијата ја разгледува оваа опција за фабриката во Оснабрик, каде моментално се произведува моделот Volkswagen T-Roc Cabriolet. Бидејќи производството на овој автомобил треба да заврши во 2027 година, производителот бара нови проекти со кои би се искористиле производствените капацитети на фабриката и би се зачувале работните места.

Во рамки на овие планови веќе се претставени прототипи на воени возила базирани на комерцијалните модели Volkswagen Amarok и Volkswagen Crafter, но модифицирани за воени потреби. Овие возила се прикажани на специјализиран саем за безбедност и одбрана, со цел да се испита интересот на потенцијалните купувачи.

Од Volkswagen нагласуваат дека засега станува збор само за анализа на можностите и дека сè уште не е донесена конечна одлука за сериско производство на вакви возила.

Инаку, ова не би било првпат германскиот производител да биде поврзан со воени возила, бидејќи во минатото компанијата произведуваше и модели наменети за армијата, како што е Volkswagen Iltis.

НАЈНОВИ