Легендарниот Lamborghini Miura оваа година одбележува 60 години од своето деби, а многумина го сметаат за автомобилот кој го создаде концептот на модерниот суперспортски автомобил. Моделот првпат беше претставен во 1966 година на Саемот за автомобили во Женева, каде веднаш го привлече вниманието на јавноста и медиумите.
Miura беше револуционерен за своето време бидејќи имаше централно поставен V12 мотор и погон на задните тркала, конфигурација која подоцна стана стандард кај суперспортските автомобили. Кога се појави на пазарот, тој беше и еден од најбрзите сериски автомобили во светот.
Моделот беше развиен од млади инженери во компанијата, а неговиот впечатлив дизајн беше дело на дизајнерот Marcello Gandini од студиото Bertone. Ниската и широка силуета, како и препознатливите „трепки“ околу предните светла, го направија Miura еден од најубавите автомобили во автомобилската историја.
Под хаубата се наоѓаше 3,9-литарски V12 мотор кој во првичната верзија развиваше околу 350 коњски сили, а подоцнежните варијанти P400 S и P400 SV достигнаа и до 385 КС.
Automobili Lamborghini го произведуваше Miura од 1966 до 1973 година, по што на негово место дојде уште една икона – Lamborghini Countach.
Иако се произведуваше релативно кратко време, Miura остави огромно наследство. Денес се смета за еден од најважните автомобили во историјата на автомобилската индустрија, бидејќи токму тој ја дефинираше формулата за модерниот суперспортски автомобил.