Едноставен трик за чистење на бришачите: Ќе бришат како нови

Доколку бришачите на автомобилот оставаат линии на стаклото или ја размачкуваат водата наместо да ја отстранат, тоа не мора веднаш да значи дека треба да се заменат. Во многу случаи проблемот е само во насобраната нечистотија на гумата.

Експертите советуваат дека бришачите треба редовно да се чистат, бидејќи на нив со текот на времето се собираат прашина, маснотии од патот, остатоци од инсекти и други нечистотии. Овој слој може да го намали контактот помеѓу гумата и ветробранското стакло, што доведува до лошо бришење.

Чистењето е многу едноставно. Потребно е само да ги подигнете бришачите од стаклото и со мека крпа натопена во топла вода со малку детергент или алкохол внимателно да ја избришете гумената површина. Постапката повторете ја неколку пати додека на крпата повеќе не се појавува темна нечистотија.

По чистењето, се препорачува да се исчисти и ветробранското стакло со средство кое не содржи восок, бидејќи восокот може да создаде тенок масен слој што повторно предизвикува линии при бришењето.

Сепак, доколку гумата на бришачите е испукана, стврдната или нерамна, тогаш чистењето нема да помогне и ќе биде потребна замена. Стручњаците препорачуваат бришачите вообичаено да се менуваат еднаш годишно, особено ако автомобилот често е изложен на сонце и лоши временски услови.

НАЈНОВИ