Почетна Актуелно BMW го запира...

BMW го запира производството на iX1 поради недостиг на бандажи

6

BMW е принуден привремено да запре дел од производството на електричниот iX1 поради неочекуван недостиг на 17 и 18-инчни бандажи. Проблемот влијае врз европските фабрики, а дел од клиентите веќе добиле известувања за значително доцнење на испораките.

Според извештаите, BMW има доволно количини од помалите бандажи само за производството во мај, но не и за јуни. Компанијата наводно веќе контактирала со добавувачите, но решението нема да биде брзо.

На дел од купувачите им било понудено да преминат на 19-инчни тркала за да го добијат автомобилот побрзо. Сепак, тоа значи и поскапи пакети на опрема, со дополнителен трошок од околу 1.900 евра.

Поголемите тркала носат уште еден проблем – помала автономија. BMW iX1 со 17-инчни тркала има WLTP автономија до околу 515 километри, додека со 19-инчни таа паѓа на околу 509 километри, а со 20-инчни на околу 491 километар.

Интересно е што токму помалите бандажи се најпопуларни кај купувачите на електрични автомобили, бидејќи нудат подобра удобност и пониска потрошувачка. Затоа недостигот особено го погодува iX1, кој е еден од најпродаваните BMW EV модели во Европа.

Некои дилери наводно предупредуваат дека испораките може да се пролонгираат дури до октомври, што создава проблеми за купувачите кои имаат истек на лизинг или планирана замена на стар автомобил.