Changan најавува електричен автомобил со домет до 1.500 километри

Кинескиот автомобилски гигант Changan Automobile најави развој на нова генерација електрични возила со импресивен домет до 1.500 километри со едно полнење. Станува збор за модел кој ќе користи напредна solid-state (цврста) батериска технологија, што претставува значаен исчекор во однос на класичните литијум-јонски батерии.

Новата батерија, позната под името „Golden Bell“, според најавите ќе има енергетска густина од околу 400 Wh/kg, што е значително повеќе од актуелните решенија на пазарот. Благодарение на тоа, производителот најавува можност за автономија до 1.500 километри, што би можело целосно да ја промени перцепцијата за практичноста на електричните автомобили.

Од компанијата истакнуваат дека новата технологија ќе понуди и повисоко ниво на безбедност, со подобрена термичка стабилност и намален ризик од прегревање. Дополнително, во системот ќе биде вклучена и напредна електроника со интелигентно следење на состојбата на батеријата во реално време.

Плановите на Changan предвидуваат тестирање и ограничена примена на новата батериска технологија во текот на 2026 година, додека сериското производство би можело да започне во 2027 година. Доколку најавите се реализираат, ова би бил еден од најголемите технолошки пробиви во електричната мобилност во последните години.

Со ваков домет, електричните автомобили би станале сериозна алтернатива на класичните модели со мотори со внатрешно согорување, особено за долги патувања, каде што досега автономијата претставуваше една од главните пречки за поширока примена.

НАЈНОВИ