DR Automobiles казнета затоа што продавала автомобили од кинеско производство како италијански

Италијанската влада ја казни DR Automobiles со 6 милиони евра за наводно промовирање на автомобили произведени во Кина како возила произведени во Италија…

Според властите, DR Automobiles погрешно (мамејќи) ги рекламирала автомобилите дека се произведени во Италија, кога главно биле произведени во Кина. Компанијата најави жалба на казната. DR Automobiles склопува евтини автомобили користејќи компоненти произведени од кинеските компании Chery, BAIC и JAC.

Како што пренесуваат новинските агенции, регулаторот изјавил дека возилата, кои се продаваат под марките DR и EVO, се промовираат како италијански производи, но главно се од кинеско потекло. Само мал дел од монтажните и завршните работи се врши во Италија.

„Оваа практика се совпаѓа со периодот во кој компанијата забележа значителен пораст на продажбата на возила DR и EVO на италијанскиот пазар“, се наведува во соопштението.

Потегот доаѓа откако Италија и Европската унија почнаа да се борат против автомобилите произведени надвор од споменатиот трговски блок. Минатиот месец десетици Fiat Topolino од мароканско производство беа запленети во италијанското пристаниште Ливорно бидејќи имаа ознаки на италијанското знаме.

Во април, Alfa Romeo, италијанскиот бренд под Stellantis, одлучи да го смени името на својот нов модел Milano во Junior по притисокот од италијанските власти поради фактот дека се произведува во Полска, а не во Италија.

Минатата недела, ЕУ се закани дека ќе ги зголеми тарифите за кинеските возила до 38 отсто, откако политичарите истакнаа дека тие претставуваат закана за автомобилската индустрија во регионот.

Зголемувањето би било како дополнување на сегашната царина од 10 отсто за сите кинески увозни електрични автомобили во ЕУ.

Во својот одговор, Кина тврди дека царините ги прекршуваат меѓународните трговски правила и истрагата ја нарече „протекционизам“.

Минатиот месец, САД ги зголемија тарифите за кинеските електрични автомобили од 25 на 100 проценти.





НАЈНОВИ