
Хрватскиот производител на електрични хиперавтомобили Rimac Automobili официјално ја привршува производствената приказна на својот култнa Nevera.
Компанијата во моментов ги составува последните 10 примероци од најмоќната изведба Nevera R, чија испорака на купувачите е закажана до крајот на оваа година, со што комплетно ќе биде заокружена серијата.
Од најавени 150 до остварени 71 примерок
Кога Мате Римац во 2018 година го претстави концептниот модел (тогаш познат како C_Two), амбициозно беше најавено производство на 150 возила. Сепак, поради специфичноста и ексклузивноста на пазарот на ултра-скапите хиперавтомобили, крајниот број застана на 71 примерок.
Од нив, 51 се однесуваат на стандардната изведба на Nevera, додека преостанатите 20 се специјални модели Nevera R. Во своето видео обраќање на социјалните мрежи, Мате Римац истакна дека и покрај помалиот број од првично планираниот, успехот е неизбришлив:
„Сметајќи сè на сè, ова е сепак прилично добар успех. Ова е најпродаваниот електричен хиперавтомобил на светот. Без него денес не би постоеле ниту Bugatti Tourbillon, ниту оваа фабрика. Nevera ја исполни својата задача и останува забележана во историјата“, порача Римац, заблагодарувајќи им се на сите сопственици кои беа дел од ова патување.
Врвни перформанси кои ги поместија границите
Nevera останува запаметена по своите импресивни спецификации. Задвижувана од четири електромотори со моќност од 1914 коњски сили, таа забрзуваше до 100 км/ч за само 1,86 секунди, додека максималната брзина достигнуваше неверојатни 415 км/ч.
Уште посупешна во динамиката беше изведбата Nevera R, чија моќност е зголемена на 2107 коњски сили, овозможувајќи забрзување до стотка за едвај 1,74 секунди и поминување на четврт милја за 8,23 секунди.
Иднината продолжува со Tourbillon и нови проекти
Иако поглавјето со Nevera се затвора, Rimac Grupa продолжува со полна пареа напред. Компанијата се развива на повеќе фронта, од одделот Rimac Technology кој снабдува напредни компоненти за глобалните автомобилски гиганти, па сѐ до заедничкиот потфат Bugatti Rimac.
Како круна на ова партнерство веќе гордо се појавува спектакуларниот Bugatti Tourbillon – хибриден хиперавтомобил со атмосферски 8,3-литров V16 мотор и три електромотори кои испорачуваат 1800 коњски сили, чии први примероци веќе привлекуваат внимание на сообраќајниците.