ЕУ го одложува воведувањето на строгиот стандард Еуро 7 до 2030 година

Европската унија одлучи да го одложи воведувањето на уште построгиот стандард за емисии Еуро 7 до 2030 година, што им дава значителна пауза на производителите на автомобили…

Доцнењето доаѓа како олеснување по продолжениот притисок и неизвесноста што ја чувствуваат производителите поради плановите на Европската комисија за ненадејна електрификација.

Исто така, на овој начин се елиминира потребата од драстично зголемување на цените на новите возила во блиска иднина, пренесуваат информативните агенции.

Јасно е дека конечно се слушаат гласовите на индустријата.

Критиките беа особено поврзани со ригорозните барања што ги претставува новиот стандард и форсирањето на преминот кон електрични возила, без доволно да се земат предвид реалните капацитети на производителите и пазарот, всушност без да се земе предвид ништо друго освен политичка одлука.

Понатаму, инвестициите потребни за усогласување со новите стандарди за хомологација и прифаќањето на електричните автомобили, во светло на светскиот тренд предводен од Кина, создадоа атмосфера на неизвесност и загриженост.

Сепак, со зголемената свест за сложеноста на целите што треба да се постигнат во текот на деценијата, европските институции ги преиспитаа своите амбиции.

Одлуката за одложување на стандардот Еуро 7 се пресели од 2026 година во јули 2030 година, а за тешките возила една година подоцна, конечно покажува промислен пристап на Унијата, пишува Motor.es.

Интересно е што во дебатата имаше и критики за опасноста од значително поскапување на помалите модели на возила поради построгите тестови во реални услови на возење.

Приказните како онаа за можното исчезнување на популарните модели поради неможноста за адаптација без зголемување на цените за неколку илјади евра, ја илустрираат тежината на ситуацијата.

Стефан Хартунг (Stefan Hartung) од Bosch, презентирајќи глобална перспектива, истакна за The Pioneer дека целосната електрификација на сите возила во светот може да потрае помеѓу 30 и 35 години.

Оваа изјава потврдува дека иако амбициите за електрификација и намалување на емисиите треба да продолжат, реалното планирање и прилагодувањето на капацитетот се клучни за успехот.

Одложувањето на стандардот Еуро 7 не е само олеснување за автомобилската индустрија; тоа е можност за потемелно планирање и развој на технологии кои ќе овозможат постигнување на еколошките цели без непотребно оптоварување на производителите и потрошувачите.

Како што светот се движи кон поодржлива иднина, од клучно значење е да се постигне рамнотежа помеѓу еколошките цели и економската изводливост. Конечно тоа го сфатија во Брисел.





НАЈНОВИ