Почетна Актуелно Кризата во Vo...

Кризата во Volkswagen сè по длабока: Под знак прашалник е и иднината на најважниот модел

2

Финансиските проблеми на германския гигант земаат сè поголем замав, а најнова жртва на строгите мерки за штедење е долго најавуваниот електричен Golf.

Финансиската ситуација во Volkswagen станува сè понапната, а најновите информации од компанијата откриваат дека германскиот производител привремено го запира развојот на електричниот наследник на легендарниот Golf. Иако проектот официјално не е откажан, челниците на компанијата признаваат дека во моментов едноставно немаат доволно средства за да продолжат со ова милионско инвестирање.

Штедењето го погоди срцето на брендот
Како што пренесуваат релевантни светски медиуми, извршниот директор на Volkswagen, Томас Шафер, во интерен допис до вработените отворено признал дека компанијата во моментов не може да го финансира развојот на новиот електричен модел.

„Знам што Golf значи за Volkswagen и за Волфсбург. Затоа оваа одлука навистина не ни беше лесна, но едноставно си го остваруваме само она што можеме да си го дозволиме во моментов“, порачал Шафер.

Овој потег јасно покажува со какви сериозни предизвици се соочува една од најголемите автомобилски компании во светот, која е принудена радикално да ги скрати трошоците и да се прилагоди на промените на пазарните услови.

Заостанување во Волфсбург и неизвесен термин
Финансиските проблеми се особено видливи во матичната фабрика во Волфсбург, која според внатрешните податоци заостанува околу 300 милиони евра зад зацртаните планови за намалување на трошоците. Ова врши дополнителен притисок врф управата, која веќе најави амбициозен план за реструктуирање и укинување на бројни работни места во Германија.

Што се однесува до самиот електричен Golf, тој требаше да биде еден од првите модели поставени на новата Scalable Systems Platform (SSP). Иако првичните најави беа дека платформата ќе пристигне до 2026 година, роковите веќе беа поместени кон крајот на деценијата, а најновото запирање на развојот ја прави иднината на овој клучен модел крајно неизвесна.

Додека чекаме подлабоки промени, улогата на електрична алтернатива во компактната класа и понатаму ја носи ID.3, додека класичниот Golf со мотори со внатрешно согорување останува во понудата уште неколку години, со најавено преселување на производствените погони.