Ламборџини размислува за нов gran turismo модел – враќање кон корените?

Италијанскиот производител Lamborghini би можел да ја прошири својата понуда со целосно нов модел, бидејќи компанијата сериозно размислува за развој на елегантен gran turismo автомобил.

По одложувањето на плановите за целосно електричниот модел Lanzador, брендот е принуден да ја преиспита својата стратегија и да одлучи во кој правец ќе се движи во иднина.

Наместо електричен кросовер, сè поголемо внимание добива идејата за класичен GT модел со распоред на седишта 2+2, што би значело враќање кон традиционалните вредности на брендот – комбинација од перформанси, луксуз и практичност.

Извршниот директор Stephan Winkelmann истакна дека биле разгледувани повеќе сегменти, но некои опции веќе се отфрлени. Така, Lamborghini нема планови за помал SUV или луксузна лимузина со четири врати, бидејќи побарувачката во тие категории опаѓа.

Од друга страна, gran turismo моделот би можел да биде логичен избор, бидејќи би му овозможил на брендот да конкурира со производители како Ferrari, Aston Martin и Bentley, кои веќе нудат моќни и луксузни GT автомобили со четири седишта.

Иако засега нема конкретни технички детали, јасно е дека Lamborghini бара идеално решение за својот „четврти модел“, кој би ја надополнил гамата покрај постоечките модели како Revuelto, Temerario и Urus.

Доколку се реализира, овој потег може да означи нова насока за брендот – помал фокус на целосна електрификација на краток рок и поголем акцент на луксузни и практични спортски автомобили.

НАЈНОВИ