Почетна Актуелно Мате Римац: Е...

Мате Римац: Европа не може да се натпреварува со Кина – мора да најде сопствена ниша

3

Хрватскиот автомобилски претприемач смета дека европските производители не можат да ја победат кинеската автомобилска индустрија во директна ценовна и технолошка трка. Наместо тоа, треба да се насочат кон луксузот, ексклузивноста и производите со повисока додадена вредност.

Европската автомобилска индустрија мора да престане да се обидува да ја победи Кина во сегментите во кои кинеските производители веќе имаат предност. Тоа е пораката на Мате Римац, кој смета дека иднината на европските автомобилски марки не е во директното натпреварување со кинеските компании, туку во пронаоѓањето сопствена пазарна ниша.

Во разговор за германскиот медиум Elektroauto-News“, Римац предупредува дека кинеските произвоители веќе се понапредни во одредени области, меѓу кои електричните погонски системи и технологиите за осветлени предни маски. Дополнително, нивните автомобили стануваат сè поквалитетни и поевтини, што ја отежнува позицијата на европските производители.

-Тоа е како Rolex да се натпреварува со Apple

За да ја објасни својата теза, Римац прави споредба меѓу швајцарскиот производител на луксузни часовници Rolex и американската технолошка компанија Apple.

Според него, Rolex не се обидува да се натпреварува со Apple во производството на дигитални уреди, туку се потпира на луксузот, престижот и ексклузивноста. Иако не произведува евтини часовници за масовниот пазар, компанијата остварува висока профитабилност.

Римац смета дека европските автомобилски производители треба да размислуваат на сличен начин. Наместо да се обидуваат да понудат поевтини автомобили од кинеските конкуренти, треба да се фокусираат на производи во кои можат да понудат препознатливост, врвна технологија, квалитет и поголема додадена вредност.

Особено проблематичен го гледа сегментот на малите и достапни автомобили, во кој европските производители тешко можат да ја следат кинеската комбинација од цена и технологија.

Следната голема промена се автономните возила

Римац предупредува дека автомобилската индустрија премногу се концентрирала на електрификацијата и конкуренцијата од Кина, додека можеби ја потценува следната голема трансформација – автономното возење и роботакси-возилата.

Според него, ако електрификацијата веќе предизвика толку големи промени во автомобилскиот сектор, автономното возење би можело да донесе уште подлабоки последици.

Во иднина, луѓето можеби сè почесто ќе користат автомобили како услуга, без да мора да ги поседуваат или самостојно да управуваат со нив. Таквата промена би можела значително да го измени начинот на кој функционира автомобилскиот пазар.

Токму во оваа област Римац гледа голема можност за компанијата Verne, која развива роботакси-возила. Тој смета дека автономната мобилност може да има влијание врз секојдневниот живот на многу луѓе, пред сè преку заштеда на време.

Можности и во складирањето енергија

Покрај автономните возила, Римац потенцијал гледа и во енергетските системи и складирањето електрична енергија.

Со ширењето на обновливите извори на енергија и зголемувањето на потребите на центрите за обработка на податоци, системите за складирање енергија би можеле да станат сè поважен дел од енергетската инфраструктура.

Неговата порака до европската автомобилска индустрија е дека не треба да се обидува да ја надмине Кина во секој сегмент, туку да ги искористи сопствените предности и да се насочи кон области во кои може да создаде производи со повисока вредност.

За Римац, иднината не е нужно во најевтиниот автомобил, туку во способноста на европските компании да понудат нешто што ќе ги разликува од конкуренцијата.