Mercedes-Benz официјално го започна сериското производство на целосно новиот електричен Mercedes-Benz GLC with EQ Technology во фабриката во Бремен, Германија. Станува збор за еден од најважните електрични модели на компанијата, бидејќи GLC веќе со години е најпродаваниот SUV на Mercedes на глобално ниво.
Новиот електричен GLC се произведува паралелно со бензинските, дизел и хибридните верзии на GLC, како и со моделот Mercedes-Benz EQE, на истата производна линија во Хала 9 – најголемата производствена хала во Бремен. Со тоа Mercedes уште еднаш покажува колку флексибилни стануваат модерните фабрики, каде различни типови погон можат да се склопуваат на иста линија.
Електричниот GLC е поставен на новата 800-волтна MB.EA платформа, специјално развиена за електрични модели од средната и повисоката класа. Благодарение на новата архитектура, автомобилот поддржува значително побрзо полнење – според Mercedes, за само 10 минути може да се обезбеди енергија за околу 300 километри возење.
Воедно, новиот модел носи и целосно нов софтверски систем MB.OS, кој ќе стане основа за идните генерации на електрични Mercedes модели. Компанијата нагласува дека електричниот GLC претставува важен чекор во најголемата производна и технолошка офанзива во својата историја.
Интересно е што побарувачката за новиот електричен SUV веќе ги надминала очекувањата. Според Mercedes, во првите месеци од 2026 година електричниот GLC забележал повеќе нарачки од кој било претходен електричен модел на брендот.
Батериите за моделот се произведуваат во фабриката ACCUMOTIVE во Каменц, Германија, додека електромоторите пристигнуваат од романската фабрика во Себеш. Финалното склопување се врши во Бремен, кој денес важи за еден од најважните и најфлексибилни производствени центри на Mercedes-Benz.
Новиот Mercedes-Benz GLC with EQ Technology треба да одигра клучна улога во електричната стратегија на Mercedes, особено во време кога германскиот производител се соочува со пад на профитот и засилена конкуренција на пазарот на електрични автомобили.