Opel најави нов електричен SUV создаден во соработка со Leapmotor

Опел официјално најави развој на нов електричен SUV модел кој ќе биде создаден во соработка со кинескиот производител Leapmotor. Станува збор за еден од најважните идни проекти на брендот, со кој Опел сака значително да го забрза преминот кон електрична мобилност.

Новиот модел ќе припаѓа во исклучително важниот C-SUV сегмент и ќе биде позициониран помеѓу актуелните модели Opel Frontera и Opel Grandland. Според првичните информации, возилото треба да пристигне на пазарот веќе во 2026 година, а развојот ќе трае помалку од две години – што е исклучително краток рок за автомобилската индустрија.

Проектот ќе комбинира технологии од двата производители. Leapmotor ќе обезбеди електрична архитектура, батериски системи и погонска технологија, додека Opel ќе биде задолжен за дизајнот, подвозјето, управувањето, ергономијата и целокупното возачко чувство. Од компанијата нагласуваат дека нема да станува збор за едноставно ребрендирање на постоечки кинески модел, туку за целосно нов автомобил развиен специјално за европскиот пазар.

Новиот SUV ќе биде дизајниран во Риселсхајм, Германија, а се разгледува можноста производството да се одвива во фабриката на Stellantis во Сарагоса, Шпанија.

Според Опел, главната цел е создавање на модерен и подостапен електричен SUV кој ќе понуди европски квалитет и кинеска технолошка ефикасност. Токму поради тоа соработката со Leapmotor се смета за клучен дел од идната стратегија на Stellantis во борбата со сè посилната конкуренција на пазарот на електрични автомобили.

Интересно е што ова не е прв заеднички проект меѓу Stellantis и Leapmotor. Кинескиот бренд веќе започна експанзија во Европа преку дилерската мрежа на Stellantis, а новиот Opel SUV би можел да биде првиот модел што целосно ќе ја спои германската инженерска школа со кинеската EV технологија.

НАЈНОВИ