Microlino Lite

На саемот за автомобили во Женева беше промовирана новата верзија на малото градско електрично возило Microlino, поточно верзијата Lite приспособена да ги исполнува прописите кои овозможуваат возачи од 14 години да седат зад воланот…

Додека стандардната верзија со 17 КС овозможува максимална брзина од 90 km/h, овој нов Microlino Lite има само 12 КС, со максимална брзина ограничена на 40 km/h (максималната дозволена брзина според прописите за четирицикл L6e) .

Исполнувањето на барањата L6e значи дека младите тинејџери можат да седнат зад воланот, иако минималната возраст за возење варира од земја до земја: во Франција и Италија е 14, во Шведска, Германија, Австрија и Шпанија е 15 години, а во повеќето други земји, пак за да се управува со него мора да имаш 16 години.

Microlino Lite доаѓа само во Venice Blue и Berlin Anthracite бои на надворешноста , со неколку надворешни детали во портокалова боја за да му дадат „енергичен“ изглед.

Под дизајнот инспириран од BMW Isetta се наоѓа истата каросерија од челик и алуминиум, чијшто преден панел се отвора настрана за да се овозможи влез во кабината со две седишта.

Клиентите можат да изберат помеѓу 5,5 и 11 kWh батерии, при што првите нудат опсег од 100 km и потребни се два часа за полнење до 80 проценти, додека поголемиот пакет нуди опсег од 180 km и потребни се четири часа за полнење.

Целосниот ценовник за Lite сè уште не е објавен, но се вели дека ќе биде достапен за 149 CHF (швајцарски франци) месечно со четиригодишен договор доколку клиентите стават депозит од 25 проценти.

И на крај податокот дека лилипутанецот на четири тркала Microlino Lite  ќе се продава во Европа веќе оваа пролет.

 





НАЈНОВИ