Германскиот производител Audi ја претстави новата генерација на Audi RS 5, која за првпат во историјата на RS семејството доаѓа со plug-in хибриден погон.
Моделот комбинира 2,9-литарски V6 битурбо бензински мотор со електромотор, при што вкупната системска моќност достигнува 639 коњски сили и 825 Nm вртежен момент. Благодарение на ова, автомобилот забрзува од 0 до 100 км/ч за околу 3,6 секунди, што го вбројува меѓу најбрзите модели во својата класа.
Новата генерација ќе биде достапна во две каросериски изведби – како спортска лимузина и Avant караван. Дизајнот е поагресивен од претходно, со пошироки крила, големи отвори за воздух и препознатливи RS детали, додека во понудата ќе има и поголеми тркала и спортски елементи.
Хибридниот систем користи батерија со капацитет од околу 22 kWh, која овозможува повеќе од 80 километри возење само на електрична енергија. И покрај дополнителната тежина од батеријата, производителот нагласува дека моделот е фокусиран на перформанси и динамика на возење.
Продажбата на новиот RS 5 на европскиот пазар се очекува да започне во текот на 2026 година.