Новиот BMW X3 и официјално

BMW официјално ја претстави новата, четврта генерација на моделот X3, чии претходни три генерации беа продадени вкупно околу 3,5 милиони единици откако оригиналниот модел излезе во продажба во 2003 година…

Моделот од претходната генерација беше најпродаваниот автомобил на германската компанија во 2023 година со испорачани 350.000 возила ширум светот.

Новиот X3 (G45) ќе се нуди со бензински и дизел мотори, вклучувајќи ја спортската верзија M50, како и X3 30e plug-in хибридна варијанта.

Како што се очекуваше, новиот X3 е поголем од генерацијата G01 што ја заменува. Автомобилот е 34 милиметри подолг (сега 4755 mm), 29 mm поширок (1920 mm), но висината е намалена за 25 mm (на 1660 mm). Со 2865 mm, растојание помеѓу оските што значи дека во суштина остана непроменето.

Во зависност од верзијата, димензиите на тркалата варираат од 18 инчи за стандардниот модел до 22 инчи за врвната верзија на X3 M50.

Најзначајната визуелна промена е напред, каде што се наоѓа изменетата маска. Меѓусебно поврзаните вертикални и дијагонални линии се издвојуваат, повторувајќи ја стилската тема што неодамна беше видена на новата BMW Series 1 Необичната шема е помалку очигледна кај автомобилите што доаѓаат со затемнета решетка.

За X3 M50, дизајнерите се одлучија за посебен распоред со хоризонтални линии и логото M.

Новите бои за X3 вклучуваат Dune Grey Metallic и Arctic Race Blue.

Внатрешноста претрпе големи измени. Новиот X3 е првиот модел на BMW кој го комбинира iDrive 9 со ротирачко копче, а контролната табла има поедноставен изглед во име на минимализмот. Повеќето од конвенционалните контроли сега ги нема, а нивните функции се достапни преку екранот на допир. Станува збор за екран од 14,9 инчи, проследен со дигитална инструмент табла од 12,3 инчи.

Верзиите со конвенционален погон имаат 570 литри багажен простор, што е за 20 литри повеќе од претходникот. Со преклопување на задната клупа, волуменот ќе се зголеми на 1.700 литри. Plug in Hybrid верзијата има 460 литри или 1.600 литри багажен простор (во вториот случај со соборена задна клупа). Овие бројки се за 10 литри и 100 литри повисоки, соодветно, во споредба со стариот PHEV.

Што се однесува до опсегот на мотори, тоа е прилично едноставно во Северна Америка. Таму ќе бидат достапни само X3 30 xDrive и X3 M50. Основниот модел има 2,0-литарски линиски турбо бензински мотор со 258 КС, додека X3 M50 е придвижуван од 3,0-литарски со шест цилиндри и со моќност од 398 КС и 580 Nm максимален вртежен момент (достигнува 100 km/h за 4,6 секунди и може достигне топ брзина од 250 km/h). И двете се опремени со 48V блага (mild) хибридна технологија, осум (8) степен автоматски менувач и xDrive погон на четири тркала.

X3 M50 добива и маска со полош („пострашен“) изглед, што го одвојува од другите верзии. Додека поевтините верзии започнуваат со тркала од 18 инчи, варијантата M Performance стандардно добива тркала од 20 инчи. Купувачите ќе можат да доплатат за 21-инчни, па дури и 22-инчни. Визуелните промени продолжуваат внатре, каде што X3 M50 добива волан со сплескано дно, како и спортски седишта обвиткани во Veganza (вештачка кожа) и Алкантара, со црвени ознаки во 12 часот (се разбира на управувачот).

Во Европа ќе бидат понудени уште неколку верзии. Основниот модел е X3 20 xDrive со 208 КС и 330 Nm. Фабриката тврди дека забрзува до 100 km/h за 7,8 секунди и максимална брзина од 215 km/h. Тука е и X3 20d xDrive со дизел мотор со четири цилиндри, со работен волумен од. 2.0-литри со моќност од 197 КС и 400 Nm вртежен момент, што овозможува забрзување до 100 km/h за 7,7 секунди и максимална брзина од 215 km/h. Како и бензинскиот модел, тој исто така има благо хибридно поставување и осум (8) степен Steptronic менувач.

Plug-In Hybrid верзијата на X3 30e xDrive доаѓа со турбо бензински мотор со четири цилиндри, со работен волумен од 2.0-литри и електричен мотор. Испорачува комбинирани 299 КС и 450 Nm вртежен момент, од 0 до 100 km/h достигнува за 6,2 секунди, а во хибриден режим достигнува максимална брзина од 215 km/h. Во електричен режим, може да оди до максималните 140 km/h.

X3 30e xDrive користи нова батерија од 19,7 kWh (нето) наместо старата верзија од 10,8 kWh. Според тоа, електричниот опсег во циклусот WLTP е зголемен од 42-50 километри на 81-90 километри. Покрај тоа, моќта на полнење е речиси тројно зголемена. Поддржува 11 kW, така што потребни се 2 часа и 15 минути за целосно полнење на мртвата батерија.

Производството на новиот X3 во Спартанбург, Јужна Каролина започнува во септември оваа 2024 година. Plug in Hybrid моделот ќе се составува во фабриката Рослин во Јужна Африка. Пазарното лансирање на новиот X3 е закажано за четвртиот квартал на оваа 2024 година во Европа и САД, додека другите региони ќе следат од јануари наредната 2025 година.

Што се однесува до некои цени, BMW во соопштението наведува дека X3 20 xDrive во Германија чини 57.900 евра, додека X3 M50 xDrive започнува од 82.500 евра.

Целосно електричниот iX3 од следната генерација ќе се произведува во Дебрецен, Унгарија, од втората половина на следната 2025 година. Сепак, тој ќе биде изграден на платформата Neue Klasse наместо архитектурата CLAR.





НАЈНОВИ