Обновениот Volkswagen Golf R најавен за 26 јуни

Откако Volkswagen веќе го претстави обновениот Golf на почетокот на оваа година (како и спортскиот Golf GTI), наскоро ќе пристигне и ажурираниот Golf R…

Поточно, Германците потврдија дека на 26 јуни ќе ја одржат официјалната премиера на подобрениот Golf R, кој ќе се нуди не само во хечбек верзијата, туку и во караван изданието Variant.

Како и стандардните Golf и Golf GTI, Golf R ќе претрпи одредени визуелни промени и модификации во внатрешноста, заедно со подобрени системи за помош на возачот. Така, Golf R добива модифицирани браници и рафинирани светла, а веројатно и палета на нови бои и алуминиумски тркала.

Освен тоа, за Golf R се обезбедени врвни спортски седишта и спортски волан обложен со кожа, како и повпечатлив aero body kit, изменета суспензија, посилни сопирачки и спортски издувен систем.

Овде треба да се потсети дека внатрешноста на обновениот Golf го истакнува враќањето на класичните копчиња на воланот, покрај новиот екран на допир (од 10,4 инчи кај основните верзии и 12,9 инчи кај поскапите модели), заедно со преуредување на графиката и структурата на менито.

Европските модели доаѓаат и со гласовен асистент напојуван од ChatGPT, но технологијата допрва треба да биде потврдена за автомобилите на американскиот пазар. Засега нема информации за можно засилување на моторот кај Golf R, но треба да се запомни дека Volkswagen минатата година го понуди и Golf R 333 Limited Edition со 333 КС.

Уште порано беше објавено дека GTI и R верзиите на Golf нема да имаат мануелен менувач.





НАЈНОВИ