Иако автомобилските брендови се глобално препознатливи, изговорот на нивните имиња често создава забуни, особено кај странците. Некои имиња звучат едноставно на јазикот од кој потекнуваат, но на други пазари редовно се изговараат погрешно. Според избор на автомобилски медиуми, ова се пет марки со најчесто погрешен изговор.
Една од нив е Rimac, хрватскиот производител на електрични хиперавтомобили. Името потекнува од презимето на основачот Мате Римац и правилно се изговара „Римац“, но надвор од Балканот често се слушаат различни варијанти. И покрај тоа, самиот Римац повеќепати изјавил дека не му пречи ако странците го изговараат името на свој начин.
На листата се наоѓа и Hyundai, бренд кој со години се соочува со различни верзии на изговор. Додека во САД долго време се користеше „Хјундаи“, корејскиот изговор е поблизок до „Хјонде“, што производителот сè почесто се обидува да го наметне и во Европа.
Кинеските брендови исто така предизвикуваат конфузија. Geely, сопственик на Volvo и други познати марки, правилно се изговара „Џили“, но тоа ретко се слуша надвор од Кина. Слична судбина има и Xiaomi, кој во автомобилскиот свет е ново име – правилниот изговор е „Шаоми“, а не онака како што често се чита на англиски.
Иако изгледа едноставно, дури и Tesla знае да биде проблем, особено поради разликите меѓу англискиот и европскиот изговор, па често се слушаат варијанти со „з“ наместо „с“.
Овој пример покажува дека глобализацијата на автомобилската индустрија не значи и унифициран изговор, а многу производители со текот на времето прифаќаат локални варијанти како дел од својот идентитет.