Поправката на автомобилите во последните години значително поскапе, па дури и релативно мали оштетувања денес можат да резултираат со сметки од неколку илјади евра. Главната причина е сè поголемата технолошка сложеност на модерните возила.
Според анализа на германскиот автомобилски клуб ADAC, современите автомобили се опремени со бројни сензори, радари и камери кои помагаат при возење, паркирање и автоматско сопирање. Овие системи се многу чувствителни и скапи, а по секоја замена мора дополнително да се калибрираат, што дополнително ги зголемува трошоците за сервисирање.
Дополнителен проблем е што многу делови денес се изработени како целосни модули. Тоа значи дека често не може да се замени само расипаниот дел, туку мора да се промени целата компонента. Типичен пример се модерните LED светла – ако се оштети еден елемент, често се менува целиот фар, чија цена може да надмине 2000 евра.
Истражувањето опфатило 20 различни модели автомобили, од поевтини возила до премиум модели како BMW 330e, Mercedes-Benz C-Class, Volvo XC60 и Volkswagen Golf. Анализирани биле три типични ситуации: замена на ветробранско стакло, помал судир од напред и оштетување на задниот браник.
Резултатите покажуваат дека и замена на ветробранско стакло денес може да чини повеќе од 1000 евра, бидејќи во него често се интегрирани камери за системите за помош на возачот кои мора повторно да се монтираат и калибрираат. Самата калибрација кај некои модели може да достигне и до околу 825 евра.
Најскапи се поправките по удар во предниот дел на автомобилот. Во одредени случаи, како кај моделот BMW 330e со ласерски светла, цената на еден фар може да достигне и 3300 евра, а целокупниот трошок за поправка лесно се приближува до 8000 евра.
Експертите предупредуваат дека ваквите високи трошоци имаат пошироки последици. Осигурувањето на автомобилите станува поскапо, а на пазарот на половни возила често се појавуваат автомобили чија цена е релативно ниска, но поправките остануваат многу скапи.
Затоа експертите сметаат дека производителите треба да го променат начинот на дизајнирање на некои компоненти, за да се овозможи замена на поединечни делови наместо цели модули. Во спротивно, трошоците за одржување би можеле да станат преголем товар за многу возачи.