Францускиот производител Renault го претстави новиот концепт Renault Bridger, компактен SUV со робустен и коцкаст дизајн кој најавува нов модел во растечкиот сегмент на урбани теренци.
Новиот Bridger се истакнува со впечатлив изглед инспириран од класични офроуд возила. Моделот има високо растојание од подлогата од околу 200 милиметри, како и резервно тркало поставено на задната врата, што дополнително го нагласува неговиот авантуристички карактер.
Иако дизајнот сугерира сериозни теренски способности, Renault Bridger е пред сè наменет за градско користење и секојдневно возење. Должината на автомобилот е помала од четири метри, што го сместува во сегментот на субкомпактни SUV модели.
И покрај компактните димензии, од Renault најавуваат солидна практичност. Багажникот треба да нуди околу 400 литри простор, додека патниците на задните седишта ќе имаат доволно простор за нозете, што го прави автомобилот практичен за семејна употреба.
Сериската верзија на моделот се очекува кон крајот на 2027 година и ќе користи платформа која поддржува различни видови погон – бензински, хибридни и целосно електрични верзии.
Интересно е што новиот SUV прво ќе се појави на индискиот пазар, а подоцна е планирана продажба и на други пазари како Африка и Блискиот Исток. Засега не е потврдено дали Renault Bridger ќе се продава и во Европа.