Stellantis планира да отпушти приближно 2.250 работници во фабриката Мирафиори во Торино на неколку недели поради слабата побарувачка, соопштија синдикатите.
Во периодот од 12 февруари до 3 март без работа ќе останат 1.250 работници кои го произведуваат електричниот Fiat 500 и уште 1.000 кои произведуваат автомобили Maserati, изјави претставник на компанијата, потврдувајќи ја изјавата на синдикатот.
Синдикатите најавија дека се загрижени за отпуштањата, повикувајќи го Stellantis што поскоро да седне и да разговара за најавениот прекин на работата.
Производителот на брендови, меѓу кои Fiat, Peugeot и Chrysler, направи слични потези минатата година во периодот од 19 октомври до 3 ноември, поради падот на побарувачката, потсетува Reuters.
Италијанскиот синдикат FIМ CISL соопшти дека граѓаните го одолговлекуваат купувањето на електрични возила бидејќи чекаат државни стимулации кои Владата во неколку наврати ги најавувала, а се уште не ги понудила.