Експлозивен раст во Кина: Продаден рекорден број електрични автомобили

Кинескиот автомобилски пазар продолжува да бележи историски резултати, откако во ноември беше регистриран рекорден број продадени електрични и plug-in хибридни возила. Според официјалните податоци од индустриските здруженија, продажбата на возила на нова енергија (NEV) достигна највисоко месечно ниво досега, што го потврдува силниот подем на електрификацијата на најголемиот автомобилски пазар во светот.

Во споредба со истиот период лани, продажбата е зголемена за повеќе од 20 проценти, а целосно електричните автомобили повторно имаат најголем удел во вкупните бројки. Трет месец по ред, бројот на продадени електрични возила надмина еден милион, што јасно покажува дека кинеските купувачи сè побрзо се откажуваат од класичните мотори со внатрешно согорување.

Особено значаен е податокот дека возилата на нова енергија сега учествуваат со повеќе од половина од вкупната продажба на автомобили во Кина, што претставува важна пресвртница за автомобилската индустрија. Паралелно со силната домашна побарувачка, забележан е и значителен раст на извозот, бидејќи кинеските производители сè поагресивно настапуваат на странските пазари.

Експертите наведуваат дека главни фактори за ваквиот раст се државните субвенции, технолошкиот напредок кај батериите, пониските цени, како и сè побогатата понуда на модели од домашните брендови. Се очекува позитивниот тренд да продолжи и во наредните месеци, со што Кина дополнително ја зацврстува позицијата на глобален лидер во сегментот на електрични возила.

НАЈНОВИ