Продажбата на електрични автомобили во Европа се соочува со пречки, особено во Германија, каде што е укината субвенцијата за нивно купување, додека пак од друга страна, во Кина се повеќе се продаваат ваквите автомобили…
Неколку недели пред Божиќ, Германците кои планираа да купат електричен автомобил беа принудени да ја преиспитаат својата одлука. Државната субвенција е откажана поради проблеми со државниот буџет.
Нешто порано Владата веќе ја откажа програмата за поддршка на компаниите кои купуваат возила за нивниот возен парк. Некои компании не беа особено вознемирени од ова. Од неколку компании за rent a car се слуша дека сакаат да се ослободат од е-возилата бидејќи ретко кој ги бара.
Сè уште е тешко да се најде место за полнење на батериите и се е премногу комплицирано.
Според податоците на Европската асоцијација на производители на автомобили, сето тоа резултирало со пад на продажбата на електрични автомобили: во Германија продажбата во декември паднала за 48 отсто, а во целата ЕУ за 17 отсто.
Патрик Шауфус од консултантската фирма McKinsey смета дека продажбата на електрични возила во 2023 година била „стабилна“, дури и по прекинот на поддршката за хибридните возила и со недостаток на нови модели.
Не очекува зголемување на продажбата ниту оваа, 2024 година и смета дека може да биде поинаку само во наредните години – доколку се појават нови модели со подостапни цени.
Мајк Тиндал, кој ја следи автомобилската индустрија за HSBC, истакнува дека растот на продажбата на електрични автомобили минатата година бил „прилично силен“, но дека оваа очигледна стагнација може да се должи на можеби преголемото очекување на брзината на раст на пазарот за такви возила.
Но, откажувањето на државната поддршка го враќа вниманието и на основниот проблем во продажбата на електрични автомобили: нивната цена е сè уште висока, па дури и попустите од производителите во неколку европски земји не привлекуваат нови клиенти.
Тиндал истакнува дека првите купувачи на електрични возила и онака биле побогати луѓе – што може да се види од самите електрични возила на улиците во Европа. „Но, сега допирате до потрошувачи кои се многу почувствителни на трошоците, а со оглед на сегашните цени на електричните автомобили, тие веројатно се малку повоздржани“, вели експертот од банката HSBC.
„Обичниот“ потрошувач забележува уште нешто – падот на цената на половните електрични автомобили е многу поголем и побрз од падот на цената на класичните автомобили.
Ова е последица на слабеењето на батеријата по голем број на полнења, а веќе е познато дека токму батеријата е убедливо најскапиот дел од автомобилот.
Исто така, половните автомобили имаат батерии со многу помал капацитет од оние што денес излегуваат од производните линии.
Тиндал додава дека инфраструктурата за полнење електрични автомобили се уште е недоволна за луѓето да се одлучат да ги купат. Но, тој вели и дека овие недостатоци ќе се надминат, но за тоа ќе бидат потребни уште неколку години.
„Иднината е електрична“
Кога станува збор за европските производители на автомобили, нема сомнеж: „Убедени сме дека иднината е електрична и одлучно се движиме во однос на транзицијата на мобилноста“, вели на пример портпаролот на Volkswagen.
Минатиот март беше објавено дека гигантот од Волфсбург ќе инвестира 180 милијарди евра во следните четири години, а повеќе од две третини од парите ќе бидат наменети за развој на електрификација и дигитализација.
Германскиот производител сака дури четири петтини од возилата што се продаваат во Европа да бидат електрични до 2030 година, а 55 отсто од продадените во САД.
Бидејќи VW минатата година ја зголеми продажбата на своите електрични возила за 21 отсто. Тие веруваат дека ќе биде „предизвик“ да се помине оваа година поради укинувањето на субвенциите, но веруваат дека бројките од продажбата од 2023 година покажуваат дека се „на вистинскиот пат“.
Мајк Тиндал тврди дека слично размислуваат и другите европски производители како Stellantis (Peugeot, Fiat и Opel), но клучното прашање е профитабилноста на електричното возило.
Останува да балансираат меѓу прифатлива цена и профит, а стравот од тоа е поголем со оглед на развојот на пазарот во последните месеци и крајот на државната поддршка.
„Кинезитe“ се на врвот
Колку и да се зафаќа пазарот на електрични автомобили во Европа, се чини дека ништо не може да го спречи кинескиот пазар. Тоа го призна и Volkswagen, кој само во 2023 година потроши пет милијарди долари за да се бори против конкурентите како американската Теslа или кинескиот BYD на најголемиот пазар во светот.
BYD продаде 526.000 електрични возила само во последниот квартал од 2023 година, надминувајќи го дури и Tesla во светски размери.
Додека германските производители жалат за падот на продажбата, BYD ја зголеми продажбата за 70 отсто во декември со низа нови возила, од мали автомобили до електрични автобуси.
За Патрик Шауфус од McKinsey клучното прашање е цената.
„Во Европа, електричните автомобили обично се 15 до 20 проценти поскапи од автомобилите со „обични“ мотори, во Кина разликата е само 10 проценти и многу кинески електрични автомобили се веќе поевтини од сличните од Европа.
Сепак, овој експерт предупредува: „Пазарот на електрични возила во Кина не е здрав пазар. Има цела низа производители кои прават фантастични производи, но многу малку од нив заработуваат пари“.
Бидејќи тука е и кинеската држава, која обично е барем косопственик, а директивата е да се прошири и да го освои пазарот, додека економската исплатливост на производството е во втор план.
Европските производители на електрични автомобили следат друга логика: „Тие се обидуваат да победат врз основа на квалитетот и брендот“. И според мене, тоа ќе потрае многу време. Потребни се многу длабоки џебови – затоа и профит за да се финансира. И треба трпение“.
Од Volkswagen исто така велат дека Кинезите нема да го освојат европскиот пазар само со ниски цени: „Странските производители во Европа мора да ги прифатат спецификите на овој пазар. А конкурентите од Кина не можат да ги нудат своите возила овде толку агресивно и евтино како во Кина“.
Сепак, трката е веќе во тек, сметаат во Volkswagen. „Тоа е исто како кога излегоа автомобили од Јапонија и Кореја“, вели портпаролот на VW.