Електричниот BYD Seagull ќе пристигне во Европа во средината на 2025 година

Расте стравот од кинеските автомобили во Европа, иако Европејците подготвија бариера во вид на повисоки царински стапки, но се чини дека и тоа нема да ја запре инвазијата што на пазарот на автомобили на Стариот континет ќе ја предвои азискиот змеј….

Кинезите досега најчесто нудеа поголеми и поскапи модели, но во моментот кога ќе почнат да нудат мали и евтини, би можеле да го размрдаат пазарот. BYD Seagull (галеб, поточно морски галеб) е еден од нив.Веќе пишувавме дека ги загрижи конкурентите во Европа, а со одредување на тајмингот на пристигање, а тоа е многу наскоро, веќе наредната 2025 година, кога, сигурни сме, ќе предизвика вистинска бура, цунами на пазарот во Европа. Имено, BYD Seagull ќе пристигне во Европа, како што е најавено, во средината на наредната 2025 година. Оваа информација ја потврди Стела Ли (Stalla Le), извршнa потпретседателка на брендот, пренесуваат информативните агенции во регионот.

Ли исто така истакна дека за целите поставени од производителот потребно е да се освои поголем удел на пазарот на европскиот континент. За таков план да биде остварлив, потребен им е модел кој генерира голема количина на продажба како Seagull. Цената и автономијата се главно на страната на овој модел, бидејќи тие се клучните фактори за да ги натерате клиентите да го разгледаат како алтернатива на европските модели.

Според изјавата на Стела Ли, најмалиот модел на BYD ќе се најде во продажба на европскиот пазар во втората половина на 2025 година, така што производителот има време да ја подобри автономијата, која во Кина е 405 километри според кинескиот стандард за мерење, додека според европскиот WLTP циклус кој е приближно 325 километри.

Од друга страна, тоа е доволно за модел кој е долг едвај 3,7 метри и чиј мотор произведува максимална моќност од 75 КС. Бидејќи батеријата не може да се зголеми со оглед на достапното меѓуоскино растојание, BYD ќе се обиде да ја намали потрошувачката на енергија со софтверски надградби.

Кинезите, наводно, ќе имплементираат и нов дизајн во споредба со сегашниот модел продаден во Кина и ќе вклучат повеќе безбедносни системи за овој модел да се справи со тестовите на Euro NCAP.

Кога започна трката за електрични автомобили, европските брендови главно нудеа поголеми модели. Помалите модели беа избегнати поради помалите маржи, но не беа свесни дека ги губат клиентите. Брендовите сега се посвесни за таа реалност, особено кога Кинезите почнуваат да се закануваат и уште повеќе да притискаат. Реалноста за европските производители е јасна, конкуренцијата е се поголема и посилна, а можностите за придобивање клиенти се помали и помали.

Renault и Stellantis се марките кои најмногу се обложуваат на мали електрични автомобили, иако Renault беше на европскиот трон пред 10 години кога ги понуди Twizzy, Zoe и нешто подоцна Twingo E-Tech, но очигледно во погрешно време. На овој нов тренд се приклучи и моќниот Volkswagen кој веќе најавува офанзива со мали формати. Сепак, во следните година-две Европа ја очекува вистинска поплава од мали електрични автомобили, што е практично во исто време со пристигнувањето на кинеските ривали на Стариот континент.

BYD Seagull несомнено ќе се соочи со низа ривали, од новото Renault Twingo до Volkswagen ID.1 и Citroen e-C3. Сепак, еден ривал ќе се истакне над останатите, бидејќи во суштина е најблискиот концепт до кинескиот модел. Тоа е новата Dacia Spring, чија цена е веќе под 11.000 евра на одредени пазари во ЕУ, вклучувајќи ја субвенцијата и финансирањето на Dacia.

BYD Seagull би можел да биде тежок ривал со кој евтините европски модели ќе ги вкрстат мечевите, бидејќи сите тие ја истакнуваат цената под 20.000 евра како важна предност. Но, ако крајната продажна цена на малите Кинези е значително под оваа бариера, ќе им биде уште потешко.

Seagull во Кина се продава за безначајни 9.000 евра, но додека кинеските модели стигнат на европскиот пазар, практично чинат многу повеќе. Тоа е затоа што тие се соочуваат со повисоки безбедносни стандарди, транспортни трошоци, повисоки даноци и многу повисоки маржи од европските дилери.

За потсетување, BYD планира да произведува автомобили во Унгарија од 2026 година. Со овој потег Кинезите ќе ги избегнат царините и транспортот и на крајот ќе постигнат подобра крајна цена, што е целта на производителот.

 





НАЈНОВИ