Euro NCAP ја објави листата на најбезбедни автомобили за 2025 година – Mercedes CLA најдобар во класата

Европската организација за тестирање на безбедноста на автомобили Euro NCAP ги објави резултатите за најбезбедните модели за 2025 година, а титулата најдобар во својата класа ја освои Mercedes-Benz CLA.

Mercedes CLA се истакна со одлични оценки во сите клучни категории – заштита на возрасни патници, заштита на деца, безбедност на пешаци и велосипедисти, како и напредни системи за асистенција на возачот. Благодарение на балансираниот резултат и високото ниво на сериска безбедносна опрема, моделот беше прогласен за најбезбеден мал семеен автомобил за 2025 година.

Покрај CLA, Euro NCAP ги издвојува и другите модели кои постигнаа врвни резултати во своите сегменти. Меѓу нив се MINI Cooper E во категоријата мали автомобили, Tesla Model 3 кај големите семејни модели, Tesla Model Y во класата компактни SUV, smart #5 кај големите SUV возила, како и Polestar 3 во бизнис сегментот.

Од Euro NCAP истакнуваат дека критериумите за тестирање стануваат сè построги, а резултатите за 2025 година покажуваат значителен напредок во активната и пасивната безбедност, особено кај моделите со електричен погон.

Листата на најбезбедни автомобили претставува важен ориентир за купувачите, бидејќи ги наградува возилата кои нудат високо ниво на заштита уште во стандардната опрема, без потреба од дополнителни пакети.

НАЈНОВИ