Многу возачи имаат навика да возат додека стрелката за гориво не се приближи до нулата, а дури потоа да одат на бензинска пумпа. Сепак, механичарите предупредуваат дека ваквата практика може долгорочно да го оштети возилото и да доведе до скапи дефекти.
Стручњаците советуваат дека најдобро е нивото на гориво да се одржува помеѓу една четвртина и полн резервоар, бидејќи на тој начин се заштитува системот за довод на гориво и се продолжува неговиот работен век.
Зошто не треба да се вози „на резерва“?
Главната причина е пумпата за гориво, која кај повеќето автомобили се наоѓа во самиот резервоар. Таа се лади и подмачкува со помош на горивото. Кога нивото е ниско, пумпата работи под поголемо оптоварување и на повисока температура, што може да доведе до нејзино забрзано трошење или дефект.
Покрај тоа, на дното на резервоарот со текот на времето може да се наталожат нечистотии и талог. Кога има малку гориво, постои поголема можност тие да влезат во системот, што може да предизвика дополнителни проблеми.
Дали е добро постојано да се полни „до врв“?
Иако е подобро да има повеќе гориво отколку премалку, ниту постојаното полнење до максимум не е идеално. Преполн резервоар може да го оптовари системот за вентилација и да доведе до зголемено испарување на горивото.
Најдобра практика е редовно да се дополнува гориво кога нивото ќе падне под една четвртина, а во зимски услови или при подолги патувања – да се одржува и над половина резервоар.