Nissan: Опасноста од старите воздушни перничиња

Јапонскиот Nissan ги повика сопствениците на 84.000 постари автомобили да престанат да ги возат бидејќи постои ризик воздушните перничиња Takatа да експлодираат при сообраќајна несреќа…

Вонредното предупредување беше издадено откако едно лице загина во возило Nissan кога експлодираше надувачот на воздушните перничиња на патниците. Дури 58 лица се повредени во инциденти од 2015 година, пренесе АP.

„Поради староста на возилата опремени со неисправни воздушни перничиња Тakata, постои зголемен ризик од експлозија на системот за надувување при активирање на воздушните перничиња и исфрлање на остри метални фрагменти што може да предизвикаат сериозни повреди или смрт“, се вели во соопштението.

Nissan прецизираше дека предупредувањето се однесува на малите автомобили Sentra произведени од 2002 до 2006 година, како и за моделите на Pathfinder од 2002 до 2004 година и за Infiniti QX4 од 2002 и 2003 година.

На веб-страницата на Nissan, сопствениците можат да проверат дали нивното возило е покриено со внесување на бројот на шасијата на автомобилот.

Компанијата наведува дека сопствениците треба да контактираат со овластен сервисен центар за да закажат термин за бесплатна замена на пумпата за воздушни перничиња.

 





НАЈНОВИ