Жителите на една станбена зграда во Беч останаа во целосен шок откако на терасата од еден од становите се појави – Ферари. Станува збор за модел Ferrari 296 GTB, суперавтомобил чија вредност се проценува на околу 400.000 евра.
Неверојатната сцена брзо се прошири на социјалните мрежи, каде што се појавија снимки од моментот кога возилото со помош на кран внимателно било подигнато и поставено на терасата. Соседите во неверување ги следеле случувањата, дел од нив убедени дека станува збор за некаква рекламна кампања или уметничка инсталација.

Сепак, сопственикот на луксузниот автомобил имал сосема поинаква причина. Според информациите, тој немал обезбедено гаражно место, а сакал да го заштити скапото возило од временските услови, кражба или оштетување. Затоа решил да го „паркира“ на сопствената тераса, веднаш до дневната соба.
Овој потег веднаш предизвикал низа реакции и прашања, особено околу безбедноста на објектот и издржливоста на самата тераса, која не е предвидена да поднесува тежина на автомобил. Надлежните служби наводно ја испитуваат законитоста на ваквата постапка и дали се загрозува стабилноста на зградата или безбедноста на соседите.

Иако за некои ова е луд, ексцентричен потег, за други претставува уште еден доказ до каде може да оди човечката креативност – или лудост – кога станува збор за луксуз и индивидуална слобода.
Едно е сигурно: ваква „тераса-гаража“ ретко се гледа, дури и во град како Беч.