Запрена државната помош за фабриката за електронски возила во нашата земја

Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ) на Северна Република Македонија соопшти дека ја суспендирала државната помош за компанијата e.GO за изградба на фабрика за електрични возила во Тетово…

ТИРЗ – Технолошко Индустриски Развојни Зони  (TIRZ) објави дека „поради неликвидност на „мајката“ компанија (Next e.GO mobile во Германија) се прекинува извршувањето на договорот и секоја постапка предвидена за доделување јавни средства на компанијата e.GO.

„Суспендирањето на доделувањето на државната помош уследи по добивањето на јавно достапни информации за поднесеното барање за неликвидност на „мајката“ компанија… поднесено до надлежните судови во оваа земја. Со ова Дирекцијата за ТИРЗ активира заштитни механизми во потпишаниот договор кои ги предвидуваат и овие околности (стечај, ликвидација), како предуслов за запирање на доделувањето на државната помош“, се вели во соопштението.

Од таа државна дирекција наведуваат дека досега не и се доделени средства на таа компанија и покрај барањата поднесени од инвеститорот. Владата на Северна Македонија потпиша договор со германската компанија Next e.GO mobile на 14 август 2022 година во Тетово за државна помош за инвестицијата на тој германски производител на електрични автомобили во тетовската „ТИРЗ зона“.

Договорот го потпиша Дирекцијата на ТИРЗ во име на Владата на Северна Македонија, но деталите од тој документ не се објавени. Два дена пред потпишувањето, Владата на Северна Македонија донесе одлука да ја поддржи, како што беше тогаш најавено, мултимилионската инвестиција на Next e.GO Mobile SE од Ахен, Германија, која ќе создаде 3.000 до 4.000 нови работни места во ТИРЗ „Тетово“.

Тогашниот премиер Димитар Ковачевски рече дека со ова се поставени „темелите на инвестицијата која само во првата фаза тежи 130 милиони евра“ и која „ќе отвори најмалку 890 нови, добро платени работни места“.





НАЈНОВИ