BMW нема да ги укинува дизел моторите, барем не во блиска иднина

Бројките не лажат. крајот на дизел моторите е повеќе од очигледна и за прв пат во историјата, електричните возила беа попопуларни од дизелите меѓу европските купувачи минатата година…

Податоците за продажба од Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA) покажуваат дека дизелот имал пазарен удел од само 13,6 отсто во 2023 година, додека електричните возила пораснале на 14,6 отсто. Дополнително, до март 2024 година, дизелите паднаа на 12,8 отсто во Европа.

Бернд Кербер (Bernd Körber), шефот за развој на BMW, откри дека на дизелите им претстојат црни денови, пренесуваат информативните агенции.

„Намалувањето на предностите на дизелот во однос на бензинот или електричната енергија доведува до намалена база на клиенти кои го избираат дизелот првенствено поради личните преференци, наместо поради јасните предности.

Со други зборови, бензинските мотори стануваат толку ефикасни што дизелот повеќе не е подобар избор за штедливите купувачи. Исто така, големиот напредок во plug-in хибридните и електричните погони е уште една шајка во ковчегот на дизелите. „Нема конкретен датум кога дизелите ќе бидат исфрлени од употреба, но нивната важност ќе се намали како што се намалуваат придобивките, особено на традиционално силните „дизел“ пазари како Источна Европа“, изјави Кербер за BMWBlog.

Сепак, тоа не значи дека BMW ќе ги отстрани дизел моторите во блиска иднина.

Френк Вебер ( Frank Weber ) од одделот за развој рече дека ќе продолжат да инвестираат во мотори со внатрешно согорување, вклучително и дизел мотори. Сепак, дизелската понуда на баварската марка ќе биде разредена.

На пример, новиот X3 кој пристигнува во јуни повеќе нема да ја има верзијата M40d, пишува BMWBlog.

Со сè помалку луѓе кои сакаат да купат автомобил со дизел гориво и сè построги регулативи за штетните емисии на гас во ЕУ, времето јасно отчукува за дизелите.





НАЈНОВИ