Бројот на резервации за електричниот Renault 5 надмина 75.000

Иако Renault сè уште не го откри официјалниот ценовник, ниту пак автомобилите се изложени во салоните, електричниот R5 веќе руши рекорди, барем оние во виртуелниот свет…

Бројот на резервации веќе премина 75.000 примероци, но со оглед на интересот на клиентите, оваа бројка наскоро треба да ја достигне границата од 100.000 примероци.

Не се сомневаме дека ќе биде вистински продажен хит, но во виртуелниот свет, новиот Renault 5 го разбранува пазарот многу пред да стигне до салоните. Откако францускиот бренд го претстави најмалиот EV модел во својата гама, резервациите се трупаат од ден на ден, пишуваат информативните агенции.

Само еден месец по големото деби, Renault потврди дури 50.000 резервирани примероци од електричниот Five. Дека R5 за 21 век може да стане вистински феномен, потврдува и бројката, која продолжи да расте во следните два месеци. За да биде работата пофасцинантна, клиентите плаќаат аванс за резервација на нивниот примерок без познати цени и датум на пристигнување на пазарот.

Со претставувањето на овој модел, Renault објави основна цена од 25.000 евра за моделот со батерија од 40 kWh и моќен електромотор од 95 КС, но официјалниот ценовник се уште никој не го видел. Засега се шпекулира дека цените ќе бидат објавени наскоро и дека автомобилите ќе се тркалаат, барем по француските патишта, пред ова лето. Останатите земји ќе мора да почекаат до крајот на годината.

Во секој случај, новиот Renault 5 продолжува да урива рекорди пред лансирањето. Клиентите можат да го резервираат својот примерок за само 150 евра. Кога Renault ќе ги објави официјалните цени, ќе дојде време тие резервации да се претворат во договор на хартија, а потоа ќе се знае реалниот број на купувачи кои ќе го поседуваат овој симпатичен ретро модел.

На последното собрание на акционери, шефот на Renault, Лука де Мео (Luca de Meo), објави дека новата „Петката“ веќе има 75.000 нарачки. Ако Renault реализираше продажба на толку многу автомобили, особено што секој ден најмалку 1.000 нови клиенти плаќаат аванс и резервираат свој примерок, тоа навистина би било апсолутен успех и преседан во европската автомобилска индустрија.

Марката која продава толку многу автомобили во првата година е вистински феномен, особено затоа што тоа е електрично возило со намалена побарувачка во Европа. И покрај неизвесноста над европскиот пазар кога станува збор за моделите со нулта емисија, Renault е повеќе од оптимист за „Петката“.

Од друга страна, успехот на електричниот R5 би можел да го продолжи неговиот технолошки близнак – новиот R4. Малиот џин во EV амбалажа официјално ќе биде претставен во октомври оваа 2024 година, а нарачката ќе започне од февруари следната 2025 година. Renault веќе објави дека нема да има стандардни работни смени во француската фабрика во Дуоа (Douai). Французите се стремат кон „течен“ процес на набавка на делови, производство на течност и на крајот кратко време на испорака. Доколку го реализираат тоа, со големата популарност на овие два ретро модели, веќе можат да ги тријат дланките.





НАЈНОВИ