Црвениот тепих „слета“ на австралиските патишта

Многу земји со помош на полицијата и сообраќајните експерти се обидуваат да го намалат бројот на жртви во сообраќајот, користејќи различни методи…

Заедно со традиционалните мерки како што се полициските радари и камери, се повеќе и повеќе експерименти се прават со човечкиот мозок и оптичките илузии.Многу градови користат 3D пешачки премини, Словенците пробаа зелени ленти, Шпанците правеа патишта со „змејски заби“ и целосна црвена линија, а Австралијците неодамна воведоа „црвен тепих“.

Заедно со објавувањето на фотографии на Facebook, Министерството за транспорт објасни дека тоа е нов вид на комуникација со возачите, пренесуваат информативните агенции.

Црвените линии, нацртани на влезот во градовите во Квинсленд, служат како известување за возачите за промената на ограничувањето на брзината. Станува збор за црвено обоени ленти со посебни знаци за ограничување на брзината. Полицијата ја информираше јавноста дека во 17 градови пристигнуваат „црвено обоени патишта“ и дека „тепихот“ треба да има клучна улога да им сигнализира на возачите да ја намалат брзината.

„Новите визуелни знаци треба да го зголемат вниманието на возачот и безбедноста на патиштата. Апелираме возачите да бидат внимателни кога ќе наидат на црвени коловозни површини и да ги почитуваат поставените знаци за ограничување на брзината“, се вели во соопштението. Новата полициска тактика за забавување на сообраќајот наиде на добар одзив во јавноста, а повеќето возачи се согласија дека никој нема да може да се оправда дека не го видел предупредувањето за промена на ограничувањето на брзината.





НАЈНОВИ