Honda најави големи инвестиции во електрични возила

Реномираниот јапонски производител на автомобили Honda ја потврдува својата посветеност на електричните возила, најавувајќи дека ќе инвестира 65 милијарди долари до фискалната 2031 година за лансирање на EV модели низ светот, вклучително и во САД и Кина…

До 2030 година, електричните возила со батерии и ЕV со горивни ќелии ќе учествуваат со 40% од глобалната продажба на автомобили на Honda Motor Co., а ќе има глобален производствен капацитет за повеќе од 2 милиони ЕV, се вели во соопштението.

Таканаречената „0 Series“, клучен дел од EV стратегијата на Honda, ќе биде целосно нова EV серија создадена од „нула“, изјави извршниот директор Тошихиро Мибе (Toshihiro Mibe ) на новинарите во онлајн презентација.

Серијата 0 ќе биде претставена во Северна Америка во 2026 година, а потоа и на глобално ниво, со седум модели кои ќе бидат лансирани до 2030 година. Во Кина, Honda ќе претстави 10 модели на EV до 2027 година, со 100% продажба на автомобили на струја до 2035 година.

„Ние ќе станеме лидер во менувањето на животниот стил за да ги постигнеме целите за одржливост, а не да чекаме некој друг да ги реши“, им рекол Мибе во обраќањето на новинарите.

Honda ќе ги задржи хибридите во својата линија додека го зголемува производството на електрични возила, заедно со зголемувањето на производството на батерии, се надоврзал Мибе.

Од инвестицијата од 65 милијарди американски долари, околу 13 милијарди долари ќе бидат инвестирани во истражување и развој на софтвер и уште 13 милијарди долари во воспоставување сеопфатни синџири на вредност на електрични возила на клучните пазари како што се САД, Канада и Јапонија.

Околу 39 милијарди долари ќе бидат инвестирани во „монозукури“ или „уметност на правење работи“ што е значењето на зборот на јапонски јазик, како што се изградба на производствени капацитети за следната генерација на електрични возила, електрифицирање мотоцикли и развој на ЕV модели, соопшти компанијата.

Мибе, исто така, ги истакна различните партнерства на Honda, како што е она за развој на електрични возила и интелигентна технологија за возење со јапонскиот ривал Nissan Motor Co., објавено претходно оваа година.

Honda, исто така, потпиша договор со IBM за соработка на компјутерски чипови и софтвер за идните возила, исполнувајќи ги претстојните барања за подобра обработка и помала потрошувачка на енергија.

„Постојано и сигурно одиме напред за да бидеме подготвени за електрификација“, рекол на крајот на средбата со новинарите Мибе.





НАЈНОВИ