Кина ја oткупи европската технологија за производство на летечки автомобили

Кинеска компанија ја купи технологијата за летечки автомобил, првично развиена и успешно тестирана во Европа…

Во 2021 година, AirCar, со мотор на BМW и придвижуван од конвенционално гориво, леташе 35 минути помеѓу два словачки аеродроми, користејќи ја воздушната патека за полетување и слетување. Беа потребни нешто повеќе од две минути за да се трансформира од автомобил во авион.

Сега возилата засновани на неговиот дизајн ќе се користат во „специфичен географски регион“ на Кина, според BBC.

Компанијата за технологија за летечки автомобили Hebei Jianxin (Hebei Jianxin Flying Car Technology Company), со седиште во Чангжу, ги купи ексклузивните права за производство и користење на AirCar. Компанијата изгради сопствен аеродром и школа за летови по претходна аквизиција од друг словачки производител на авиони, рече Антон Зајац, ко-основач на KleinVision, компанијата што го создаде AirCar.

KleinVision одби да каже за колку ја продаде технологијата.

Откако ја предводеше револуцијата во развојот на електрични возила, Кина сега активно развива програми за летечки транспорт.

Минатиот месец компанијата Autoflight изврши пробен лет на дрон за превоз на патници меѓу градовите Шенжен и Жухаи. Патувањето, кое трае три часа со автомобил, беше завршено за 20 минути.

Меѓутоа, за време на пробното возење во авионот немало патници.

Минатата година, надлежните органи издадоа безбедносен сертификат на кинеската компанија eHang за нејзиното електрично летечко такси.

Британската влада претходно изјави дека летечките такси може да станат редовна функција на небото до 2028 година.

Но, за разлика од патничките авиони слични на дронови, на AirCar му треба писта (патека) за полетување и слетување.

Во 2022 година, Словачката транспортна управа му издаде дозвола на AirCar да лета.

Сè уште постојат значителни пречки за оваа форма на сообраќај, пред се во делот на инфраструктурата, регулативата и општо прифаќањето на новата технологија.

„Овој храбар нов свет на личен транспорт изгледа одлично“, вели воздухопловниот експерт Стив Рајт.

Тој смета дека Кина има предност во однос на Западот, каде различни работи можат да го забават развојот на овој вид транспорт.

Слична загриженост некогаш се однесуваше на електричните автомобили – во кои Кина стана лидер на глобалниот пазар.

Продажбата на словачкиот AirCar може да го постави прашањето дали Кина е подготвена да го стори истото со летечките автомобили.

Рајт рече дека иако прототипите како што е AirCar се „многу забавни“, реалноста најверојатно ќе биде поприземна, односно пообична, „со линии, чекирања и проверки на багаж и сето тоа“.

 





НАЈНОВИ