Кинеската Chery ќе вработи 1.250 работници во шпанската фабрика

Производство на 150.000 возила би било можно веќе од 2029 година…

Кинескиот производител на автомобили Chery и неговиот шпански партнер Ebro-EV Motors во петокот соопштија дека очекуваат да отворат 1.250 работни места и да произведуваат 150.000 возила годишно, главно електрични возила, во нивната нова фабрика во Барселона.

Автомобилите ќе бидат составени од заедничко вложување во мнозинска сопственост на шпанската групација во фабриката што јапонскиот производител на автомобили Nissan ја затвори во декември 2021 година и некогаш вработуваше речиси 3.000 луѓе, пренесува АP.

Заедничкото вложување ќе започне да вработува 150 луѓе „во наредните месеци“, се вели во соопштението на двете компании.

Договорот, производ на долги преговори меѓу шпанските власти и кинеска фирма, првпат беше објавен во вторникот, но не беа наведени детали. Тој беше официјално потпишан на церемонијата одржана во фабриката на која присуствуваа шпанскиот премиер Педро Санчез (Pedro Sánchez) и извршниот потпретседател на Chery Џублинг Чанг (Guibing Zhang).

 

Овој проект „ќе резултира со создавање богатство и, пред сè, во создавање и одржување работни места“, рече Санчез, додавајќи дека тој е „симбол на процесот на ре – индустријализација“ што е во тек „ширум Шпанија“.

Chery и Ebro рекоа дека планираат да произведуваат 50.000 возила годишно во фабриката до 2027 година, што ќе се зголеми на околу 150.000 годишно до 2029 година.

Chery е вториот кинески производител на автомобили што произведува автомобили во Европа, откако најголемиот кинески производител на електрични автомобили BYD во декември изјави дека ќе изгради фабрика во Унгарија додека продолжува со плановите за проширување во Европа и покрај зголемената загриженост за конкуренцијата.

Основана во 1997 година, Chery е државна компанија за која се вели дека продала 1,9 милиони автомобили во 2023 година.

Таа стана популарна во Кина пред околу 15 години со своите мали градски автомобили на бензин наменети за локалниот пазар.





НАЈНОВИ