Lucid е нов доказ дека производителите на електрични автомобили се во неволја

Се чини дека пазарот на електрични возила се лади, а тоа „од прва рака“ го почувствува и Lucid, американската компанија која многумина ја сметаат за потенцијален голем конкурент на Tesla…

Електричниот стартап ги објави своите резултати за првиот квартал од 2024 година, а бројките се катастрофални. Заработката по акција (всушност загуби во овој случај) падна од очекуваните -0,25 центи на -0,30 центи, приходот беше 172 милиони долари наместо очекуваните 182 милиони долари.

Но, она што најмногу се истакнува е загубата на Lucid во првата четвртина. Таа изнесуваше 684 милиони долари! Сепак, не е се толку лошо, бидејќи минатата година во ова време Lucid имаше уште поголема загуба, 780 милиони долари. Значително се зголемени и приходите, за 16 отсто во однос на претходната година, пренесуваат светските информативни агенции.

И покрај фактот што компанијата со години бележи огромни загуби, и дека моментално губат повеќе од 300.000 долари по продаден автомобил, во Lucid се доста оптимистички настроени за втората половина од оваа 2024 година. Компанијата ги полага своите надежи во новиот теренец Gravity за да помогне да се зголеми продажбата и да се поттикне растот.

Компанијата потврди дека очекува вкупно производство од 9.000 возила оваа година. Иако оваа бројка претставува зголемување во однос на минатогодишното производство, тоа е само мало зголемување во однос на конечната бројка на производство од 8.428 возила во 2023 година. По објавувањето на резултатите, акциите на Lucid паднаа за речиси десет отсто на берзата.

 





НАЈНОВИ