Останувањето без гориво за време на возење е ситуација што може да му се случи на секој возач, но се поставува прашањето – дали тоа може да предизвика сериозен дефект на автомобилот?
Кај поновите автомобили, производителите тврдат дека ваквата ситуација обично не доведува до поголеми оштетувања на моторот. Современите системи се дизајнирани така што краткотрајното останување без гориво не треба да предизвика сериозни проблеми.
Сепак, тоа не значи дека треба да се вози „до последна капка“. Кога резервоарот ќе се испразни, постои ризик во системот да навлезат нечистотии од дното на резервоарот. Иако филтерот за гориво има задача да ги задржи, подобро е да не се ризикува.
Кај постарите возила ситуацијата може да биде посериозна. Во тие случаи, останувањето без гориво може да предизвика дефекти на инјекторите или на дизел пумпата, што често значи поскапи поправки.
Дополнително, празниот резервоар може да предизвика и други проблеми – како влез на воздух во системот, прегревање на пумпата за гориво или затнување поради талог, што може да го отежне повторното стартување на автомобилот.
Заклучокот е јасен: иако модерните автомобили се поотпорни, возењето на резерва не е препорачливо. Најдобро е навреме да се дополни горивото и да се избегнат непријатни ситуации и потенцијални трошоци