Сосема мала штета на електричниот Rivian чини 21.000 долари за поправка

Јасно е дека и мала несреќа на нов автомобил може да значи голема сметка за поправка, но примерот што ни доаѓа од САД е едноставно неверојатен…

Откако му се оштетил неговиот Rivian R1T, сопственикот го однел автомобилот во овластен сервис за поправка. Тој бил шокиран кога добил сметка за 21.149,16 долари (19.652 евра), колку што можете да купите нова Kia Soul во САД.

Штетата настанала кога во автомобилот удрил камион на паркингот, но очигледно не била голема. Куќиштето на светлото било скршено, задниот браник бил вдлабнат и изгребан, а товарната врата била малку оштетена. Иако овој вид на поправка на кој било нов автомобил во овластен сервис би бил прилично скап, сумата што ја наплатува Rivian изгледа едноставно неверојатна, пренесуваат информативните агенции на Стариот континент.

Сопственикот ја објавил сметката на Reddit, а според неа најголемиот дел од сумата е за услужна работа, односно 94,1 работно време по цени кои се движат од 120 до 195 долари на час.

Деловите чинат помал дел, 4.580,95 долари, но дури и тоа изгледа исклучително скапо со оглед на тоа како автомобилот изгледал по несреќата.

Во сервисниот центар на сопственикот му објасниле дека овој модел нема посебен браник, туку целиот заден страничен дел е поврзан со покривот на возилото.

Затоа морале да отсечат дел од телото и да го заменат со нов. Поради ова, сервисните работници дури морале да поминат една недела во фабриката на Rivian на обука.

Во одбрана на сервисот мора да се признае дека автомобилот по поправката изгледа беспрекорно, а сопственикот истакнал и дека одлично си ја завршиле работата на сервисот.

Сепак, се прашуваме што мисли за сето ова осигурувањето, кое на крајот мораше да ја плати целата сметка.

 





НАЈНОВИ