Во март, пад на продажбата на автомобили во Германија

Речиси 264.000 нови автомобили се продадени во Германија во март, што е за 6,2 отсто помалку од март минатата година, објави Федералната управа за моторни возила KBA…

Според аналитичарите, за резултатот придонесе и падот на побарувачката за електрични возила како резултат на откажувањето на државните субвенции, но како и да е индикативно е дека најголемиот пазар на автомобили (поединечно) на Стариот континент како да забавува.

Според податоците на КBА, пренесени од француската агенција АFP, минатиот месец во Германија биле новорегистрирани 263.844 автомобили, што е за 6,2 отсто помалку од една година порано.

Според аналитичарите, падот на продажбата на нови автомобили делумно може да се припише на помалку работни денови во споредба со март 2023 година, а на резултатот влијаеше и падот на побарувачката на пазарот на електрични возила откако владата ги укина финансиските субвенции за нивно купување на крајот на минатата година.

Продажбата на целосно електрични возила паднала за речиси 29 отсто, покажуваат податоците на КBА.

„Оваа политичка одлука предизвика значителна неизвесност на пазарот.

„Побарувачката за електрични автомобили во моментов е многу слаба – и покрај високите попусти за кои многу производители се одлучија како компензација за отстранување на еколошките субвенции“, изјави Константин Гал (Constantin Gall) од аналитичката куќа EY за АFP.

И покрај забавувањето на регистрациите на нови електрични возила, германскиот министер за транспорт Фолкер Висинг (Volker Wissing) останува оптимист. Тој за германската телевизија ZDF изјави дека владата се уште се стреми да има најмалку 15 милиони целосно електрични автомобили на германските патишта до 2030 година.

„Создавањето пазар со субвенции не е трајно решение“, рече тој, додавајќи дека производителите на автомобили мора да понудат и „привлечни ценовни понуди“.





НАЈНОВИ